Црвено – чел папагал (Cyanoramphus Novaezelandiae) е член на фамилијата папагали кои што во главно преставуваат тропски птици карактеристични по колоритните пердуви. Оваа птица во Нов Зеланд , земјата од каде што и потекнува се нарекува Какарики, додека пак во Македонија популарно е наречена Козица, поради звуците кои ги испушта. Овие птици се поделени на два вида, жолто и црвено чели папагали. Црвено –челите папагали се поголеми од жолтите. Козиците можат да бидат светло зелени или пак светло жолти. Тие се карактеризираат со впечатливо црвено обоено чело т.н. црвена круна, а кај зелените козици има мала нијанса на сино - виолетова боја на крилјата.Сепак постојат неколку видови на мутации на боите кај овие птици, како на пример циметно-зелени, сини и др. Овие птици, најчесто можат да се најдат во парови,иако во текот на есента и зимата можат да живеат во јата. Во природата, козиците живеат во шумите, каде што и се вгнездуваат во гранките од дрвата. За жал,козиците сè помалку може да се најдат во дивината, а почесто ги има кај домашните одгледувачи. Во последно време оваа раса е доста популарна помеѓу одгледувачите така и помеѓу обожавателите на птици, пред се поради фактот што овие птици лесно се аклиматизираат и се доста активни. Кај козицата полот може лесно да се одреди според големината на клунот, главата и карлицата која е поголема кај мажјакот. Козиците се парат почнувајќи од 9тиот месец, кога стануваат и потполно зрели. Женката снесува од 5 до 12 јајца, а периодот на инкубација трае од 19 до 20 дена. Младите козици го напуштаат гнездото по навршување на 6 или 7 недели старост. Како и останатите видови на папагали, козиците се хранат претежно со семе, просо, овес, канаринско семе, сончоглед, коноп, а истата има потреба и од овошје и зеленчук, како на пример јаболко, морков, спанаќ и сл. Исто така, во исхраната препорачливо е да се вметне варено јајце, мак и бисквити, како и минерали и разни витамини. Зелката треба да се избегнува, затоа што тоа преставува оптеретување на дигестивниот систем. Козиците се многу интересни домашни миленичиња. Тие се многу интересни и љубопитни птици кои многу сакаат да си играат и постојано се во движење. Испуштаат многу забавни и интересни звуци, дури знаат и да се хранат држејќи ја храната во едната нога, што ги прави уште позабавни и смешни